Приказната за фотографот Бурчо, легендата на Струмица

„Аман, чичо Бурчо, как си ме извадил на сликата, ич не се аресам!’’ – се жали жена гледајќи ги своите фотографии.

„А ти дома огледало имаш ли да се погледнеш? Ш’о сум видел, тава сум сликал’’ – одговара Бурчо.

Овој разговор помеѓу незадоволна жена и фотографот Бурчо со години се раскажува помеѓу потомците на Борис Вета, познатиот фотограф кој станал и легенда на Струмица. Реченицата „Оди да се сликаш кај Бурчо на ќерабитна ламба’’ се уште го чува од заборавот, а местото каде се наоѓал неговиот дуќан помеѓу струмичани е познато како „да се најдеме на Бурчо’’.

burco 030 (Copy)

Борис Вета Бурчо

„Пред дваесет години, стои човек пред некогашниот дуќан на тато, ме застана и  ме праша каде е тоа место „кај Бурчо’’. Вели, добил воен распоред во кој пишува дека собирното место на војниците е кај Бурчо ’’ – се подсетува Алфред Вета, најстариот син на Бурчо – „Бурчо влегол и во војните папири’’ – низ смеа објаснува.

ОДИ ДА СЕ СЛИКАШ КАЈ БУРЧО НА ЌЕРАБИТНА ЛАМБА

Во Струмица и денеска можете да ја слушнете токму оваа реченица иако фотографот Бурчо починал пред повеќе од две децении. Алфред Вета вели дека ниту Бурчо ја имал таа ќерабитна ламба, ниту фотографирал со неа.

„Веројатно тоа е некогаш кажано, и тако се разширило помеѓу струмичани како шега. Инаку, татко ми никогаш не сликал со ќерабитна ламба’’ – вели тој.

burco 034 (Copy)

Алфред Вета

БУРЧО УЧЕЛ ФОТОГРАФИРАЊЕ ВО РИМ

Борис Вета е роден во 1912 година. Благодарејќи на постариот брат кој бил успешен уметник во Италија, заминува во Рим да се школува за фотограф, а попат добро го совладува и италијанскиот јазик. Неговото школување во странство му дало посебно место помеѓу струмичките фотографи.

burco 031

Диплома од Рим…

Иако завршувањето на училиштето во Рим би му овозможило да гради кариера во големиот град, носталгијата го повлекла кон малечката Струмица.

„Слушај, јас ќе си одам дома, не можам веќе тука!’’ – рекол одлучно еден ден.

Оваа желба на Бурчо не била поздравена од постариот брат. На денот кога Бурчо заминувал за Струмица, на влезот во возот, брат му наместо да му посака среќен пат, го испратил со зборовите:

„Ај, јади си газо сега!’’.

11076111_10204490669727271_2075625367_n (Copy)

Еден од последните фото апарати на Бурчо

ДА СЕ НАЈДЕШ ВО ИЗЛОГОТ НА БУРЧО БЕШЕ ПОСЕБНА ЧЕСТ

Излогот на дуќанот на Бурчо имаше посебна магија за струмичани. Кога тој те фотографира, врами и стави сите да те гледат, значи дека во неговите очи си убав и фотогеничен. А тоа беше голема чест за секој бидејќи струмичани тогаш имаа обичај шетајќи да застануваат пред излогот на Бурчо да видат кој е „ставен таму’’. И немаше ургенции. Само ако си фотогеничен, Бурчо ќе те стави, инаку не…

А Борис беше најдобар помеѓу тогашните фотографи. Беше единствен кој користеше техника ретуширање на фотографии. И единствен што сите војници во градот само кај него сакаа да се фотографират, никаде на друго место.

„Се сеќавам, користеше долги жолти моливи, често остреше графит со скалпер… Кога ќе го изостри, ќе земе лупа и под неа ќе ја средува фотографијата’’ – се сеќава Клара Патарова, внуката на Борис Вета.

„Дедо никогаш не беше сериозен, секогаш вицкаст. Секој збор му беше на место, како што велат луѓето. Што и да каже, беше смешно.Често носеше црн мантил, да  не се валка од боите. Кога не фотографираше нас децата, мора да седнеш како кип, нема мрдање. Тој ќе ти каже како да ја наместиш главата, ќе ти ги намести рацете… ’’ – вели Клара.

Capture

Бурчо фотографиран пред дуќанот…

ДЕНОТ КОГА МИСЛЕШЕ ДЕКА ЌЕ ГО УАПСАТ

Има многу интересни приказни за фотографот Бурчо. Негде во педесетите пред неговата куќа се паркира џип. Тогаш возилата беа ретка појава во Струмица, посебно ваков џип кој значеше веројатно апсење. Возачот побара Борис Вета да појде со него. Бурчо уплашен отиде, не знаејќи каде го возат.

Пристигнува џипот, Бурчо низ прозорецот ги гледа сите претставници на локалната власт од Струмица како го чекат. Му олеснало, сфатил  дека нема да биде уапсен. Побарале да им биде преведувач на италијански инженер кој дошол во посета на Струмица.

„Зошто ме викнаа, да те носам по мочање ли?!’’ – биле првите зборови кои Бурчо ги упатил на Италијанецот кој и самиот бил исплашен со доаѓањето во комунистичка земја.

Двајцата брснале во смеа, а со нив и останатите гости кои и не знаеле што овие говорат на тој странски јазик.

burco 019 (Copy)

Клара со фотографија која ja изработил дедо и кога таа имала една година

КОГА СЕ ПРОБУДИЛ ОД КОМА, ПОБАРАЛ ДА ПУШИ ЦИГАРИ

Бурчо многу сакал да јаде слатки иако бил дијабетичар.

„Дедо беше диабетичар, но криеше слатки во една фиока. Бидејќи јас знаев каде се наоѓа, и јас како дете тајно земав  слатки од таму да се засладам’’ – раскажува Клара.

burco 039 (Copy)

Бурчо со жената, ќерките, снаата и внуците

Додава деда Бурчо бил познат и како страствен пушач. Недолго пред да почине, паднал во кома.. Но, и покрај тешката состојба во која се нашол, прво што  изговорил кога ги отворил очите било:

„Донесите ми ги цигарите!’’

Умрел во 1993 година, на 81 – годишна старост.

„Борис Вета беше струмичкиот Милтон Манаки’’ – со овие зборови во посмртен говор доктор Карчев го испрати легендарниот фотограф Бурчо.

Comments are closed.

1