Запознајте ја старата струмичка кујна – САРМА

Зошто сармата би била нешто посебно, по што тоа толку би се разликувала, сарма е сарма… Безброј прашања кога ние велиме дека нашата сарма е поинаква!

Е, каква ли е таа поинаква,сегде е иста сармата…Но,  не е така, нашата сарма навистина е уникатна.

2012-08-13_19-31-58

Зборуваме за сармата од зелка, пресна, зашто од кисела многу ретко се прави. Киселата зелка најмногу се користи за салата, се пие убавата и здрава течност т.н. расолница, може во баници да се стави, но сармата се прави од пресна зелка, најчесто.

 За да биде права струмичка сармата, еве неколку „правила’’:

2014-01-02_12-21-08

1. Се користи пресна зелка

2. Се вари, не се пече

3. Се прави и посна

4. Обавезно има сос,ич

5. Можеш да јадеш колку сакаш, најубава на светот е

2014-01-02_13-50-11

Во дамнешни времиња, се варела на тивко на шпоретите и нема ништо поубаво од таквото тивко варење. Некои не го сакаат мирисот на варената зелка, но токму нашата сарма го решила тој проблем со лимонот (лимонтусот) и јајцата на крај, сосот кој се нарекува ич и ја прави уникатна.

И токму тоа е најважното, сармата на крај „се забелува’’, како велиме,  и кога се сервира, се полива со преубавиот сос кој мириса на лимон и ве мами да уживате…

2014-01-02_15-28-07

Зачините се менувале со тек на време, а и зависат секогаш од вкусот, мирудии како велиме за сушено нане, чубрика, денес сé почесто оригано, малку црвен пипер, а црн обавезно…

И ајде по ред…

Ако сте си во Струмица, блазе си ви, зелката е прекрасна, со тенки листови за кои можете да сонувате надвор од нашиот крај. Точни мерки не ви требаат, од око е најдобро, а и по желба, зашто некои сакаат повеќе да гледа на месо, некои не.

Потребни ви се:

Пресна зелка, праз или кромид, мелено мешано месо, ориз, морков, сол, црн пипер, сушен зеленчук, а по желба и други зачини, зејтин, лимон, јаце

2014-01-02_15-30-03

Постапка:

1.Измијте ја зелката, издлабете ја во среднината каде е кочанот, наполнете ја со малку сол и сок од лимон, ставете ја да се подвари

2.За тоа време подгответе го филот, зердето, испржете праз или кромид, морков, месото и оризот, додајте ги зачините

3.Виткајте ги сармите и редете ги во длабоко тенџере кое на дното има парчиња од зелката, за да не ви се зафати. Чувајте неколку листови и за најгоре

4.Можете и два реда да имате, залијте со врела вода со малку брашно, зејтин, лимон, а одозгора покријте со листови зелка, една чинија и капакот

2012-08-10_22-23-22

5.Велат 45 минути и се доволно, но сепак на тивко варете ја околу еден час, зависи од зелката…

6.Пред да биде готова, одвојте од течноста во еден сад, а кога ќе биде сварена, направете го сосот

7.Изматете едно или две јајца, додадете сок од лимон и ладна водичка, сол и полека додавајте во врелата вода која ја издвоивте на рингла. Мешајте на ринглата додека малку не се згусне, внимателно да не ви се потсече…

8.Сервирајте ја сармата со сосот, прелиен врз неа…

Уживајте во единствениот медитерански вкус на струмичката сарма!

Весна Рохр, Со љубов за вас

 

Comments are closed.

Capture