Организација на жени од Струмица: Демант на лагите и клеветите искажани од движењето СОС

Организација на жени на општина Струмица најостро ги осудува, ги квалификува како тешка лага и клевета и во целост ги демантира изјавите на претставниците на граѓанското движење „Стоп операција Сорос“ (СОС), искажани на прес конференцијата на  04.02.2017.

strumica-uliciНа прес конференцијата беше посочено дека Организација на жени на општина Струмица е дел од организации на чии што сметки легнувале милионски суми кои биле користени за партиски активности и цели на СДСМ. Остро ги отфрламе ваквите груби  клевети и навреди. Средствата на организацијата никогаш не биле и нема да бидат користени за цели на било која партија. Ваквите измислици имаат за цел само да ја деградираат работата на нашата, но и на останатите граѓански организации кои гласно ги артикулираат проблемите во општеството.

Организација на жени на општина Струмица не е ниту „дел од партијата СДСМ“, ниту пак „партиски клуб на партијата“, како што наведуваат од движењето СОС. Организација на жени на општина Струмица не е наменски основана за нечии цели. Ние сме граѓанска организација основана во 1991 година, со една и единствена цел –  да ги промовира, застапува и штити правата и интересите на граѓаните.

Во своето 25-годишно работење сме препознатливи во заедницата како организација која делува на полето на почитување и унапредување на женските и човековите права, на развојот на демократизацијата во општеството, како и во полето на социјалната заштита.

Исто така, најостро ја отфрламе и квалификацијата дека сме организација која работи по наредба на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Претпоставуваме дека господата од граѓанското движење СОС, Цветин Чилиманов и Никола Србов, се запознаени со фактот дека граѓанските организации се автономни и независни во своето работење. Организација на жени не работи по ничии наредби, туку единствено според целите и активностите дефинирани во своите акти, утврдени од страна на сопствените раководни и управувачки тела.

Поради грубите невистини и клевети изнесени на наведената прес конференција, бараме јавно извинување од претставниците на движењето СОС во рок од 7 дена. Во спротивно, ќе поднесеме тужба за навреда и клевета. – стои во писмениот демант од Организација на жени од Струмица

Comments are closed.

Capture