Претставата „Џон Габриел Боркман” пред струмичани во четврток

Во четврток вечер (2 февруари) со почеток во 20 часот, на сцената на НУЦК „Антон Панов” премиерно ќе биде изведена драмата „Џон Габриел Боркман” во режија и адаптација на Горан Тренчовски.

DSC_0175„Џон Габриел Боркман” е претпоследната пиеса на Хенрик Ибзен (1828-1906), најпознатиот норвешки автор на сите времиња и еден од најпоставуваните драматичари на театарските сцени во светот. Драмата е изведена пред точно 120 години и нејзиното инсценирање во современ контекст значи можност за истражување на чудесната поетика на Ибзен. Боркман, средовечен човек и поранешен директор, кој преку финансиски малверзации го има изгубено целиот имот, како и заштедата на своите клиенти, е осуден, посрамен и осиромашен. По издржувањето на затворската казна, тој со години не излегува од дома, надевајќи се дека еден ден пак ќе започне со бизнисот. Џон и неговата сопруга Гунхилд останале во брак формално и единствена заедничка точка на нивните отуѓени животи е синот Ерхард. Семејната клаустрофобија се разнишува со ненадејното доаѓање на Ела – сестра на Гунхилд, а некогашна љубов на Џон. Пресметката со минатото и сегашноста, како и судирот на интереси за неизвесната иднина испливуваат на површина токму вечерта кога Ела престојува кај Боркманови… Во низата од живописни машки и женски ликови и мноштвото драматични ситуации со силен емоционален наплив, оваа возбудлива претстава го следи подемот и падот на поединецот од новото време потонат во своите капиталистички амбиции. DSC_0797

Во насловната улога на Џон Габриел Боркман настапува Кољо Черкезов, а покрај него играат и Јулија Милкова (Гунхилд), Ванчо Василев (Ерхард), гостинката Јасмина Василева (Ела Рентхајм), Анкица Бенинова (Фани Вилтон), Игор Тодоров (Вилхелм Фолдал), Надица Трајкова (Фрида) и Стојан Стојанов (Собарот).

Текстот за оваа македонска праизведба го преведе Ленче Тосева, сценографијата е на Милена Пантелеева од Бугарија, костимографијата на Ванчо Василев, музиката на Марјан Неќак, а дизајнот на плакатот (по мотиви на Мунк) го направи Александар Филев.

Comments are closed.

Capture