Човекот кој го креираше изгледот на ,,Езерцето’’ во Градскиот парк – Стојан Мицевски

Многу струмичани се горди на езерцето кое се наоѓа во Градскиот парк. Таму се водат гостите да видат колку е ,,Струмица убава’’, често можете да видете како невести и младоженци позираат пред фотограф покрај него, љубопитни шетачи ги набљудуваат патките во водата, други уживаат на клупите…

Баш тоа што го гледаме денеска, со години наназад е било идеа и замисла на Стојан Мицевски, одговорен за уредување и одржување на зеленилото во Струмица, кој со водена површина сакал да ги примами струмичани во Градскиот парк.

jezero

,,Долго време барав да се направи езерцето во Градскиот парк. Во езеро можеш да вметнеш риби, патки, камења околу него, да му дадеш колорит со посадување на цвеќе во различни бои. Водата дава свежина на воздухот и билките, таа е одмор и за очи и за уши, позитивно влијае на разположението на луѓето. Затоа имав желба Струмица да добие ваков рај за одмор, сакав да ги примамам луѓето да се движат во паркот, и еве, успеавме во тоа.’’ – открива Мицевски.

Но, со градското езерце не е ставена точката на уредување на Градскиот парк. Како што кажува, постојат планови да се направи карпа во него, со што ќе ја зголеми атрактивноста уште повеќе:

,,Ќе направиме карпа, а на неа сигурно најмногу ќе се израдуваат сите љубители на природата. Нашата замисла е да ја направиме вистинскa, на изглед да дава впечаток како да е дел од планина донесен во Струмица. Камењата ќе бидат дополнети со дрвенасти форми, здравец, папрат, цвет… Моментално работиме на уредување на Малиот градски парк така да и тој ќе добие нов хортикултурен лик и ќе биде вистинска мала, зелена оаза. Во него ќе исечеме неколку дрвца за да го ,,отвориме’’, сакаме сончевите зраци што повеќе да продрат во него. Ќе поставиме и зелен тепих, и ќе засадиме цвеќе во разни бои, бидејќи што повеќе е шарено, толку е поубаво за око.’’ – открива Стојан Мицевски.

jezero

Мицевски, покрај тоа што се грижи за хортикултурниот изглед на Струмица, тој го претставува и ЈПКД ,,Комуналец’’ од Струмица на комуналијадските игри во категоријата аранжирање на цвеќе.  На ,,Комуналијадата’’ одржана во Охрид, освоил прво место поради кое му завидувале и многу жени. За своето учество на тој натревар тој кажува:

,,Кога аранжирам цвеќе, сакам да направам нешто уникатно, преку цвеќето да покажам од каде сум, што сум. На последната ,,Комуналијада’’ аранжирав икебана на тема Смоларски водопади. Останатите учесници во главно беа жени и воопшто не им беше лесно кога видеа дека ги победив на нивно поле’’ – зборува со смеење.

cveke1

Икебана – Смоларски водопади

Смета дека за креативноста во аранжирањето не мора да послужи само вазна, туку и стара грнчарија, бакарни садови, пањ…

,,Еднаш најдов 3-4 суви пања и во нив ставив аранжирано цвеќе кое го најдов во блиската шума. Многумина кои ги видоа старите пањи во ново руво, беа одушевени’’- кажува тој.

Стојан Мицевски го сака цвеќето и сака да го подарува на оние кои вистински уживаат во него, а на прашањето, кој ја уредува неговата градина, со смеење признава: Претежно жената, таа го превзема кормилото’’.

Comments are closed.

Capture