Новогодишно обраќање на градоначалникот Зоран Заев

26545golemaДраги мои сограѓани,

Повеќе од една деценија, во миговите кога се разделувавме од една, а пречекувавме друга година, ви се обраќав со радост за да  ги пренесам  моите најискрени новогодишни желби до сите Вас. Чувствувам огромна потреба, од длабочината на мојава  душа и од се срце, тоа да го направам и овој пат. Не сакам да ги употребам зборовите „за последен пат“, оти овие зборови се за луѓе кои се збогуваат, а јас ниту можам, ниту сакам да се збогувам со Струмица и со своите сограѓани. Се тече, се се менува, а времето и состојбите си го прават своето. Тие носат промени кои се неизбежни во нашите животи, и како такви треба да ги прифатиме.

Во изминате, безмалку 12 години, сплотени во љубовта кон својот град и општина и уверени дека заедно можеме многу, оставивме свој белег во развојот на нашата родна грутка. Се што беше направено, не беше дело на Зоран Заев, туку наше заедничко дело, дело на градоначалникот и неговите сограѓани. Сите наши успеси ги темелевме на взаемна доверба, и тоа од првиот до последниот ден. Ако заедно ги прифаќавме предизвиците, ако заедно идеите ги претворавме во дела, тогаш имаме право и заедно да се гордееме со она што сме го сработиле.

Струмица во 2005 година и Струмица на прагот од 2017 – та, се две сосема различни приказни. Ги почитувавме и негувавме традиционалните вредности и она што го наследивме, и кон сето тоа надградивме белези на нашето постоење, белези кои се отсликуваат во она што значи -  современа општина Струмица. Таа Струмица беше,  е` и ќе остане репер за сите други општини во Македонија. За таа Струмица денес со респект се зборува во цела држава. Во сите области станавме први, а бројните награди го валоризираа нашиот заеднички успех. Но наградите и признанијата не беа најважни. Најважно беше тоа што општина Струмица стана најдоброто место за живеење, а тоа Вие го заслуживте потполно.

Сигурно се сеќавате дека во 2005 година ви се обратив со зборовите дека нема да ми биде сеедно како ќе ве погледнам во очи по четири години. Денес горд сум  дека и по 12 години можеме заедно да се погледнеме в очи и да си кажеме дека сме успеале. Бескрајно сум ви благодарен на одличната соработка и на довербата што ја имавте во мене. Без Вас ништо од она што го направивме, не ќе беше можно.

Подоцна ја споделив со Вас мојата искрена порака „Струмица во срцето“. Сакам да знаете дека Струмица во тоа срце ќе остане вечно, затоа што е дел од мене, затоа што сум и јас дел од неа. Бидете уверени дека за таа општина Струмица и понатаму ќе бидам ревносен борец, овој пат од повисока инстанца. Колку и да е сторено за нашата заедничка општина, и таа и сите Вие заслужувате многу повеќе.  Струмица не смее веќе да биде заборавена од државата. Подемот на Струмица мора да продолжи со несмален интензитет, оти тоа и прилега.

Ве уверувам дека ја оставам општината во добри раце. Не се сомневм дека идниот градоначалник на кој ќе му дадете доверба на следните локални избори, ќе биде човек домаќин, човек кој вистински ќе ја сака Струмица и човек кој ќе биде подготвен, повторно заедно со Вас, да продолжи неуморно, таму каде што застануваме.

Имајте верба во себе. Имајте верба во вистинските вредности и продолжете да ја негувате љубовта кон својата општина. Ви посакувам здравје, среќа, успех, спокој, семејна хармонија и благосостојба  и живот по Ваша мерка, живот каков што заслужувате.  Нека ви е среќна Новата 2017 година и нека ни е среќна Струмица во подобра, слободна и просперитетна Македонија.  БЛАГОДАРАМ

Comments are closed.

Capture