Запознајте ја старата струмичка кујна: Една поинаква приказна за Чалбурот

Манџите од овој тип денес можеби изгледаат чудно, но испадна дека нашите добро знаеле што прават. И во најсиромашните времиња се снаоѓале и умееле да направат најслатки јадења.

Чалбурот има многу варијанти, а бидејќи нашата кујна има силно директно дојранско и бежанско влијание, во секој дом се прави малку поинаку…

2013-02-08_19-08-13_1400x1050

Една варијанта е со запржено брашно во кое се додава вода и црвен пипер, се остава да поврие. Потоа се додава лукче и издробено сирење, магданос, зачини, за да на крај се спуштат цели јајца кои по желба се оставаат да бидат готови, иако подобро е да не бидат исцело сварени. Одозгора се прелива со пржен црвен пипер, што е заедничко на сите варијанти. Некои го пржат пиперот на почеток, кој како сака.

Друга варијанта е со големи парчиња сирење кои се ставаат во вода и се оставаат да се варат, покриени со капак. Сирењето овде ја има улогата на брашното како во претходниот рецепт, се додава лук и магданос, се спуштаат јајцата врз сирењето, а на крај се прелива со пржен црвен пипер.

2013-02-08_19-26-55_1400x1050

И еве една друга варијанта која е многу освежителна.

Во кисело млеко се додава толчен лук и магданос, се подготвуваат јајца во вода и се ставаат врз киселото млеко и повторно преливање со запржен црвен пипер…

Кога би требало да бирам, не можам да се одлучам која варијанта е најубава, секоја е најубава. Но можеби ќе речам дека првата е типична зимска манџа, втората можете да ја јадете секогаш, па и за вечера. А третата е најубава за топлите, летни денови и ноќи…

2013-02-08_20-20-33_1400x1050

И така Чалбурот наш, го има сигурно во стотици варијанти, секој вртел по свое и во тоа е убавината…

Но, има нешто многу важно кое нашите прабаби не го знаат за себе…

Имено, додека тие мајсторски секојдневно спуштале јајца во вода за разни манџи, денес откриваме дека и на курс се оди за тоа.

Без да понижуваме некого, напротив, имам почит кон сите кујни, ќе речам дека кога го гледав филмот Џулија и Џули, така некако, прекрасен филм со Мерил Стрип, видов како се мачат и одат на курс за ЈАЈЦА НА ВОДА…

И тогаш и секогаш ги мислам нашите претци, баби и дедовци кои ни оставиле преголем аманет да го чуваме она што тие го правеле, од немајкаде ли, од сочувување и негување на традицијата ли, оти недај Боже невестата да не знаела да готви, а денес како да е токму тоа модерно, за жал.

2013-02-08_20-04-38

Едно е сигурно, правеле сé од љубов за најмилите и за преживување во најтешките времиња.

Сепак, денес, благодарение на интернетот, мислам дека многу млади се активираа и ја покажуваат својата креативност во кујната, што е за пофалба!

Весна Рохр, Со љубов за вас

 

 

 

 

Comments are closed.

Capture