Коста Јаневски: За СДСМ граѓанскиот сектор е важен

Изјава на Коста Јаневски, кандидат за пратеник од СДСМ на листа во ИЕ 4 по средбата со граѓанските организации од Струмица, 04.12.2016SREDBA GRAGANSK ORGANIZACII-1

(интегрален текст)

Почитувани,

Денес, ние, кандидатите за пратеници на листата во Изборната единица број 4, уште еднаш покажуваме и докажуваме дека за Социјалдемократскиот сојуз на Македонија секој е важен. На денешната средба со претставниците на граѓанскиот сектор разговаравме за учеството на овој многу значаен сектор во нашето општество. Тој е гласот на граѓанинот, неговиот контролор на власта.

За разлика од власта, за која граѓанскиот сектор како и да не постои во нашата држава и постојано е игнориран од нејзина страна, па дури и прогласуван за предавник на државните интереси и е нарекуван со најразлични погрдни имиња, ние од СДСМ постојано водиме грижа за него и докажуваме дека ни е многу важен.SREDBA GRAGANSK ORGANIZACII-2

Примерот на општина Струмица, каде со години назад граѓанскиот сектор учествува скоро во секојдневните активности на локалната самоуправа лесно може да се преслика на територијата на целата држава за пример како треба да се работи.

Токму тoa гo имаме во нашиот План за живот во Македонија.

Со него планираме да обезбедиме процес на загарантирани консултации со граѓанскиот сектор, со коморите, со синдикатите и со други релевантни чинители во сферите на работа на власта, при носење нови закони и измени на постојните. Секое министерство ќе мора правовремено да ја извести јавноста за процесот на консултации и за неговите ефекти. Задолжителниот период  на консултација ќе изнесува 60 дена.

Граѓанскиот сектор ќе биде контролор над власта, со што ќе се придонесе да имаме општество во која граѓаните ќе се чувствуваат еднакви, сигурни и достоинствени.

Учеството на граѓанското општество во креирањето политики и надзорот над извршната власт беше ретко и симболично. Во Собранието ќе иницираме деловничка обврска за сите комисии да овозможат учество на заинтересирани субјекти (невладини организации, синдикати, комори и слично) во дебатите за генерални политики, стратегии и клучни закони. Истата можност ќе биде дадена и во текот на надзорните расправи.

Ќе овозможиме поголема присутност на граѓанскиот сектор во работењето на регулаторното тело и Македонската Радио Телевизија. Невладините организации од сферата на медиуми,слободата на говорот и човековите права ќе имаат можност да предлагаат членови во регулаторното тело и во органите на управување на МРТ.

Седниците на локалните совети ќе бидат отворени за присуство на граѓани,различни целни групи на граѓани и граѓански организации. Салите за одржување на седниците ќе бидат реконструирани, за да се овозможи присуство и активно учество на заинтересираните поединци, групи и организации.

Ќе создадеме претпоставки за максимална вклученост на урбаните и месните заедници, граѓанските здруженија, поединците и различните целни групи на граѓани за создавање на буџет по желба на граѓаните. Со тоа, сите заинтересирани страни ќе учествуваат во утврдувањето на локалните приоритети на општините.

Локалната самоуправа ќе биде отворена за соработка и за градење партнерства со граѓански организации. Преку младинските совети и со други облици, ќе обезбедиме простор за младински активизам за остварување на специфичните интереси на младите.

Граѓанскиот сектор ќе биде вклучен во сите јавни расправи, серија на дебати, согласно својата програмска определба, во носењето на закони граѓанските организации и другите засегнати страни ќе станат составен дел од сите работни групи за поддршка на пристапувањето на Република Македонија во ЕУ.

Уште еднаш повторуваме: СЕКОЈ Е ВАЖЕН, бидејќи се работи за животот на граѓаните во Република Македонија.

Comments are closed.

Capture