Koстадин Костадинов: Со победата на 11 декември ќе ја смениме состојбата во образованието

Прес конференција на Костадин Костадинов, портпарол и кандидат за пратеник од СДСМ на листа во ИЕ4, 03.12.2016


(интегрален текст)
Почитувани граѓани,
Политиките на актуелната власт ги деградираа сите сфери на живеење на граѓаните на Република Македонија. Во образованието, наместо да се работи на подигнување на квалитетот, се спроведе проект за негово ставање под целосна партиска контрола. Инспекциските служби и екстерното тестирање се користат како инструменти за држење во покорност на наставниците и професорите. Автономијата на универзитетите е целосно нарушена.
Со победата на 11 декември целосно ќе ја смениме состојбата во образовниот систем во Македонија.
Ќе организираме јавна расправа и серија на дебати со вработените во образовните институции, со стручната јавност и со граѓанскиот сектор за функционална промена на концептот на образование. Со тоа ќе прекине досегашната пракса на реформи без дискусија, кои се менуваат преку ноќ по политички диктат. Ќе го искористиме примерот на добрите европски образовни практики, а концептот што ќе произлезе од таа сеопфатна расправа ќе биде имплементиран од учебната 2018/2019 година.
Веднаш ќе го укинеме екстерното тестирање како проект што предизвика голем револт кај наставниците, а создаде вознемиреност и незадоволство кај учени- ците и кај нивните родители. Екстерното тестирање не ги оствари целите за кои беше воведен и служеше само за вршење притисок врз наставниците, заканувајќи им се со казни и губење на работното место. Ние предлагаме евалуација и тестирања на учениците, но без дополнително внесување на оценки во нивните свидетелства и без казни за наставниците. Вреднувањето на стекнатото знаење ќе се спроведува континуирано.
Предучилишното образование го враќаме во образовниот систем. Воведуваме задолжително едногодишно предучилишно образование, како интеграциска мерка и подготовка на децата за влез во 9-годишното основно образование. Ова ќе придонесе за изедначување на децата од различните социјални средини, како и за започнување со елементите на воспитниот процес, којшто во изминатите години исчезна од образовниот систем.
Средното образование ќе трае две, три или четири години: ќе ги задржиме класичното гимназиско образование и четиригодишното стручно образование, но ќе воведеме и можност за завршување по втора и трета година кај стручното образование. Промената ќе биде во тоа што на пазарот на трудот првите кадри ќе се вклучат по две или три години средно стручно образование, на 17-годишна возраст. Имено, оние кои сакаат да се вклучат на пазарот на трудот не треба непотребно да ги задржуваме во образовниот систем. На тие млади луѓе ќе им овозможиме брз влез во стопанството и време за созревање и планирање на сопствената деловна кариера, со можности за подоцнежно дошколување.
Наставниците ќе ги ослободиме од непотребните административни, формални и други обврски за да можат целосно да им се посветат на учениците и нивното воспитание и образование. На наставниците во основното и во средното образование им се потребни поддршка и стимулација, а не закани и казни. Ќе воведеме нови звања за наставниците и во основното и во средното образование. Тие звања ќе имаат значајна улога во кариерата и бенефициите на секој наставник.
Ова се само дел од мерките со кои ќе го подобриме образовниот процес и ќе го вратиме достоинството и на наставниот кадар и на учениците.
Нудиме план за живот на сите во Македонија, затоа што за нас секој е важен.
Благодарам

Comments are closed.

Capture