Доктор Цано – најпознатиот струмички гинеколог

Александар Ристевски, помеѓу струмичани попознат како „доктор Цано’’, своевремено  бил најпознатиот гинеколог во Македонија, а сигурно и еден од најценетите доктори кој Струмица го  имала.

Пензионерските денови ги поминува во викендицата во селото Раборци. Ведриот  дух и силен глас се уште не го имаат напуштено ниту на почетокот од  деветата деценија од  животот.

Доктор Цано работел  како гинеколог во струмичката болница, а  едно време бил  и началник на гинеколошкото оделение. За триесет години работа, на свет има донесено околу четири илјади  новороденчиња. Бил омилен, почитуван, признат и докажан стручњак.

„Во селата ме дочекуваа како премиер. Никогаш никој не потценував. Секој пациент, и оној кој сум го лечел во Германија, и оној во Скопје, Струмица или негде некое далечно  село, секој од нив добиваше ист третман. Одев насекаде на терен, и таму каде што другите доктори не сакаа. Правев операции за кои многу доктори не се ни осудуваа да работат” – објаснува доктор Цано.

Dr Cane 025_1581_1050

И покрај тоа што   веќе години е во пензија, кога поминува низ булеварот во Струмица, потребно му е многу време бидејќи многумина сакат да ,,разменат по некој збор со него’’ .

,,Не можам да поминам по булеварот без да поразговарам со луѓето. На секој втор чекор ме застануваат. Ме прашуваат како сум, секогаш има некој муабет’’ –  гордо кажува.

Иако важел за признат стручњак, интересно е што школската книшка на Александар Ристовски во основното училиште секогаш била полна со единици. Во младоста имал пргав карактер, бил кавгаџија познат на струмичани. Сериозноста полека доаѓала со годините, а доктор Цано од најлош ученик станал најдобар.

,,Се сеќавам, кога за прв пат почнав да работам во Струмица, затоа што бев познат кавгаџија, кај мене никој не сакаше да дојде на преглед. Кај колегите полна ординација, пред мојата врата ниту мува не се слушаше. Така поминаа неколку дена, и јас сфатив дека мора да направам нешто. Ги собрав другарите, наредив секој мора да донесе по неколку пациенти инаку тешко на нив. Следниот ден пред мојата ординација долг ред. Дошле баби, тетки, мајки…Полно!’’ – се смее стариот доктор.

Средната медицинска школа не ги задоволила апетитите за стекнување на знаење на доктор Цано, па се одлучил да стекне универзитетска диплома, а потоа и да специјализира на гинекологија иако хирургија од секогаш му е била поголема животна желба. Работел во Германија, Загреб, пропатувал многу земји, добивал многу понуди да остане да работи, но не сакал…

,,Струмица, па Струмица…никаде не сакав да одам’’ – признава.

Dr Cane 022_1581_1050

За доктор Цано се поврзани бројни анегдоти кои кружат низ градот. Иако вели дека има многу невистини во нив, признава дека приказната за Милица од Баница е точна.

,,Иако Милица беше таква каква што беше, ние имавме добар, другарски однос. Ја гледам еднаш како е облечена, се сожалив и појдов од продавница до продавница. И купив фустан, кондури, маици, блузи…и дадов се и и реков – ајде, сестро, дома’’ – се присеќа.

Кажува дека под стари денови научил да готви и дека е вешт во тоа. Во староста скоро се е „под конец’’, но една животна несреќа му го пореметила секојдневието.

Заболел од диабетес, добил гангрена и поради тоа му е отсечен дел од ногата. Иако е доктор, кажува дека до тоа е дојдено поради стравот од кој не сакал да оди на испитување.

,,Оној кој кажува дека не се плаши од вакви нешта кои се случуваат во животот, лаже. Ќе отидеш во салата, ќе се пробудиш, нема нозе. Ми беа потребни три месеци да се прилагодам на помислата дека немам дел од своето тело. Помислив на многу нешта, но со помош на пријател успеав да ги поминам, и сега повторно живеам нормално.

Тој, одозгора, од време на време ми праќа телеграми, но јас не се јавувам’’ – шеговито, како што му и доликува, ја завршува својата приказна познатиот доктор Цано.

 

Comments are closed.

Capture