Некогаш чудо од дете, денеска сериозен уметник – струмичанецот Митко Тошев

Овој артикл е прочитан вкупно [post_view] пати

Уште во детинството за него зборувале дека е ,,чудо од дете”. Пред да проговори, започнал да црта. Имал обичај да се вовлече под креветот и со часови да прави креативни цртежи. Како детенце можел да прави некои работи за кој дечињата можат само да сонуваат – да црта каде ќе посака по куќата, се благодарејќи на татко му кој му ја дал таа дозвола. И додека мајка му често се противела на тоа, Митко шарал по ѕидовите и ги правел првите неофицијални изложби по дома. Признава дека родителите му биле голема поддршка на уметничкиот пат и обликувањето на талентот. Вербата во неговиот огромен потенцијал ја имал и професорот Петар Мазев кој како осумгодишно дете го однел во Бриони кај Јосип Броз-Тито каде му направил портрет во живо на маршалот.

Митко Тошев својот талент го смета како Божји дар, но мисли дека и гените ги ,,вмешале своите прсти”. Неговиот дедо од Дојран бил рибар, но со голем талент за сликарство кој со еден свој портрет засенил познат француски сликар. По гените од  дедо му, Митко се надоградил повеќе, сега е сестран уметник – скулптор, вајар, сликар, работи на стакло, дрво, платно, метал…    Но, сепак, најмногу од се сака да прави портрети која е  најтешката дисциплина во ликовното творештво.

,,Портретот ми пружи најголемо задоволство. Портетистот мора да биде добар психолог, да влезе во длабочината на душата од личноста која ја слика. Очите се за мене огледало на душата, преку нив навлегувам во карактерот на човекот. Практикувам барем малку да поразговараме со личноста за која што имам желба што поверно и живо ја прикажам на платното. Кога работам портрет, јас станувам и актер,  се претворам во личноста која ја сликам, се однесувам како неа, ги доживувам нејзините емоции. Зборувам со сликата, имам чувство дека жив човек е пред мене. Така ја правам пореална,, – објаснува Митко.

На прашањето дали имал моменти кога не успеал да ја пронајде суштината на човекот,  дали некогаш му било тешко да направи портрет, тој одговара:

,,Да. Постојат луѓе кои се дволични, тролични. Едно мислат, друго зборуваат, а трето прават. Тешко ми е да го сфатам нивниот карактер и да го ,,пренесам” на платното. Исто така, полесно ми е да направам портрет на луѓето кои ги знам, отколку кога имам само фотографија, а претходно да немам никаква усмена комуникација со нив.” – кажува тој.

Додека трае неговиот работен процес и создавањето на некои скулптури,  витражи, фрески, слики…не му е важна атмосферата, ниту дали е тишина ниту дали е бучно. Најбитно му е да се добро ,,поврза” со своето уметничко дело.

,,Најважен ми е контактот. На пример, ќе ја земам глината, ќе ставам една грутка, на неа уште една… и кога ќе воспоставам вистинска поврзаност, може било што да се случува околу мене, ниту слушам, ниту гледам. Потполно сум исклучен и сконцентриран на тоа што е пред мене.” – признава Митко.

Дека неговите дела предизвикуваат воодушевања и емоции кај набљудувачите, покажуваат и бројните примери. Посебен впечаток на него оставила девојка која заплакала во моментот кога ја видела неговата статуа со ликот на загинатиот македонски пејач Тоше Проески.

Но, и многу струмичани го коментираа портретот и доловената вена на струмичкиот пејач Гоце Арнаудов чиј портрет Митко Тошев го работеше во живо пред гледачите на Опен фестивалот во склоп на Ликовната колонија. Многу од нив имаа чувство дека Гоце навистина стои пред нив.

И покрај толку пофалби за својата уметност, на прашањето како ги поднесува критиките и чие мислење најмногу му е важно, даде интересен одговор: ,,На критиките и не обраќам многу внимание. Моето мислење ми е најбитно бидејќи јас прво цртам за себе, а потоа за другите. Моето мислење од сонот кој го сонувам преку мотивот и реализацијата на уметничкото дело, во таа спонтана игра можам да се изненадам пријатно или да се разочарам, нормално и тоа се случува”.

Луѓето кои се воодушевуваат од неговото создавање, го мотивираат да се труди уште повеќе. Кажува дека научил да ѓи набљудува изразите на нивните лица додека ѓи гледаат неговите дела, бидејќи нивните лица кажуваат иљада пати повеќе отколку кажаниот збор.

А струмичани, и тоа како, имаат причина да уживаат во создавањето и да бидат горди на својот сограѓанин. Митко Тошев е носител на бројни награди, а како најдрага ја издвојува хуманитарната ,,Статуетка Мaјkaа Тереза” за портретот на Маjkа Тереза која поранешниот претседател на Македонија Борис Трајковски ја подари на папата Јован Павле Втори, и денес тој портрет се наоѓа во неговата соба во Ватикан. Има работено портрет во живо на Бил Клинтон, автор е на портретот на златен медал на Џорџ Буш кој се наоѓа во Белата Куќа во Вашингтон, творец е на портретот на бронзената статуа на Тоше Проески која се наоѓа во Крушево и тн…Делата на Митко се наоѓаат и во Струмица. Пред НУЦК ,,Антон Панов” е поставена биста на Ристо Шишков, во дворот на Јане Сандански, каде работи како професор се наоѓа ,,Мобилна структура”, а моментално во изработка е статуа на Гоце Арнаудов која ќе биде поставено наскоро во Малиот градски парк. Покрај константната работа, Митко Тошев време посветува и на откривање на нови  таленти во Струмица:

,,Моја голема желба е пронаоѓањето и насочување на талентите во Струмица. Има деца кои се талентирани, но едноставно не сакат да се трудат, затоа сакам да им помогнам како ментор. Со Младинскиот совет во јануари ќе покренеме ликовна работилница за учениците од средните училишта, ќе организираме и натпревар во ликовна уметност. Се надевам и се радувам на откривање нови таленти” – порачува Митко Тошев.

[Gallery not found]

 

Comments are closed.

bilbord