Реакција на Општина Струмица на текст објавен на веб порталот „Курир“ објавен на 14.11.2012 година

Општина Струмица реагираше  по повод  текстот за гасификација на Струмица,  објавен на на веб порталот „Курир’’ на ден 14.11.2012.

Љубомората во владеачката гарнитура добива патолошки димензии и во вид на зараза се шири и до сите нејзини сателити и помагачи. Очигледно е дека таа зараза стасала и до веб порталот Курир, за кој и малите деца знаат дека е дел од информативно-пропагандната машинерија на ВМРО-ДПМНЕ која ја има улогата на пералница на мозоци.

“Курир” си останува доследен на своето име бидувајќи доследен курир на ставовите на партијата на власт до граѓаните. Од таков “Курир” каков што е, не беше ни за очекување да ја пофали гасификацијата на Струмица. За Општина Струмица, доволни се зборовите на пофалби од реномирани имиња и презимиња и институции од земјата и странство кои гасификацијата на Струмица ја оценија како револуционерен проект. Истиот тој проект има тежина од повеќе аспекти:

- Доследно го спроведува делот од Стратегијата за енергетика на Република Македонија на МАНУ во кој се препорачува воведување на виртуелна гасификација на општините во недостаток на национална гасоводна мрежа

- Доследно ги спроведува препораките на американскиот помошен државен секретар за европски прашања Филип Гордон и на Амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс, земјите од Балканот при снабдувањето со гас да не се врзуваат само за еден извор.

- Само за греење на градинките, училиштата и другите општински институции, Општина Струмица за греење годишно ќе заштеди 300.000 евра.

- Со овој еколошки и евтин енергенс домаќинствата добиваат сигурно и економично греење а стопанските субјекти и земјоделските производители стануваат поконкурентни на пазарот.

- Гасоводната мрежа во Струмица е целосно компатибилна за приклучување кон националниот гасовод, кога тој и да биде изграден.

Зошто луѓето од Курир свесно ги одбегнуваат овие факти?

Зошто во улога на слепи послушници, одработувајќи за своите наредбодавачи, вадат од ракав паушални невистини?

Зошто прашуваат дали имало јавна набавка кога совршено добро знаат дека таква јавна набавка е направена уште минатата година со изборот на фирмата Галилео од Аргентина со своето претставништво во Бугарија (за опремата) и на фирмата СИ ЕН ЏИ од Скопје (за гасот). Впрочем овие податоци можеле да ги добијат од Бирото за јавни набавки.

Да се занимавале малку со истражувачко новинарство, луѓето од Курир ќе знаеле дека приклучокот за гас во Србија чини 850 евра, во Бугарија 900 евра а во Хрватска од 1050 до 1400 евра. Тоа значи дека цената на приклучокот од 700 евра е убедливо најевтина на Балканот а да не зборуваме за споредба со другите земји во Европа и светот. Дали оваа цена е висока или не, зборува фактот дека толку отприлика чини инсталирање на плински уред во автомобил.

Згора на тоа треба да се знае дека во цената на приклучокот влегуваат: мерно-регулаторен сет, земјишно-градежни работи до 12 метри од главната цевка до објектот и поставување ПЕ-100 цевка со електрофузиони фитинзи.

Доколку и понатаму луѓето од Курир се однесуваат како оперирани од вистината, доколку ги пуштат од ВМРО ДПМНЕ ги покануваме да бидат гости на Општина Струмица за да им се разјаснат некои работи. Во меѓувреме не е лошо да најдат аргументација за зборовите „матни бизнис зделки“, „сомнителни договори“ и сл. Бидејќи истите се кривично дело. Се надеваме дека наскоро Курир ќе напише збор два за ќорсокакот во кој се наоѓа проектот за гасификација на Македонија. Но со оглед на курирската функција на „Курир“ повеќе од сигурно е дека тоа е сепак невозможна мисија која граѓаните нема да ја прочитаат на овој веб портал.

Со почит,

ОПШТИНА СТРУМИЦА

Кабинет на Градоначалник

Comments are closed.

POP