Преку Струмица природниот гас станува реалност во Македонија

Општина Струмица и официјално вечерва станува прва системски гасифицирана општина во Република Македонија. На плоштадот „Гоце Делчев“ со почеток во 18 часот ќе се одржи свеченост по повод почетокот на користењето на природниот гас во Струмица. Градоначалникот Зоран Заев, човекот кој сонот за гасификација на Струмица го претвори во јаве за сегашните и идните поколенија, денеска одржа прес конференција од која упати јавна покана за заеднички собир на кој ќе се сподели овој триумф како историски момент за Струмица и Република Македонија.

- Сакам на овој начин, преку медиумите, со задоволство да Ви упатам јавна покана за уште еден заеднички собир, за уште една свеченост која ќе значи историски чин во развојот на нашата општина Струмица.

Свеченоста ќе се одржи денес на градскиот плоштад ,,Гоце Делчев,, со почеток во 18 часот. Сигурно се сеќавате дека во април минатата година кога официјално започна изградбата на гасоводната мрежа во нашиов град, дадов изјава дека времето во Струмица ќе се мери пред користењето и по стартот на користењето на природниот гас, како и насекаде во светот. Е па, токму денес е тој ден кога започнува мерењето на новото – поубаво време за Струмица и струмичани. Затоа би сакал со Вас да го споделам задоволството од овој триумф на нашата упорност кој придонесува за збогатување на квалитетот на живеење на сегашните и идните генерации струмичани.Се собравме за отворањето на Глобал, се собравме за пуштањето во употреба на новиот плоштад, се собравме за почетокот на изградбата на новата црква и уште по многу други поводи. Овој пат Ве поканувам да се собереме на свеченоста по повод почетокот на користењето на природниот гас во Струмица, со што нашата општина и официјално станува Прва Системски Гасифицирана општина во Република Македонија.

И овој пат Струмица е прва во нешто добро, и овој пат сме по добро поинакви од другите. Користењето на природниот гас во фабриките, во домовите и јавните институции е историски момент, а преку Струмица, станува реалност во Република Македонија.

Дојдете за да бидете сведоци на испишувањето нова страница од струмичката, но и македонската историја. Дојдете и почуствувајте ја гордоста од реализацијата на проектот кој повеќе од се е дело на вас – граѓаните.

Се гледаме вечерва во 18 часот на струмичкиот плоштад, рече во јавната покана градоначалникот на Струмица Зоран Заев.

Бидејќи ова е историски чин за  Струмица, ќе се врши и директен пренос на официјалната веб страница на општината www.strumica.gov.mk

 

Comments are closed.

43040899_919171741622888_1449774753454751744_o