Младите – Управници на потомството

За почеток ќе цитирам еден британски политичар Benjamin Disraeli , чии зборови реално ја отсликуваат положбата на младите во 21 век :

“ Живееме во ера каде зборовите млад и индиферентен не се повеќе синоними. Младите се управници на потомството. ”

Токму така! Можеби сме млади, но не и индиферентен слој од општеството. Со нашето активно учество во одлучувањето и активностите на локално о регионално ниво ја зголемуваме можноста за подемократско, инклузивно и перспективно општество. Сепак втурнувајки се во водите на ова толку хаотично општество наидуваме на сериозни препреки : непочитување на нашите права, манипулација од најраличен вид, недостиг на средства и простор и најмногу од се , бесперспективна ситуација после завршувањето на додипломските студии.

Невработеноста како тема помеѓу младите не е проблем само во Македонија, туку и во цела Европа. Сепак, според некои податоци , дел од земјите како Норвешка, Холандија каде невработеноста кај младите е со многу мал процент , очигледно полесно се справуваат со таквите проблеми. За разлика од нив, Македонија спаѓа во земјите со најголема невработеност на младите и најмала вклученост на истите на пазарот на трудот.

Генералниот секретар на Европската Конфедерација на Синдикатите, Џон Монкс, во една прилика рече дека Европа нема проблем со задржувањето на старите работни места, туку има проблем со создавање на нови работни места. Македонија како држава се соочува и со двата предизвика. Во нашата земја традиционално се игнорираат овие проблеми, се игнорираат и најнеопходните потреби на младите за да тие функционираат како срекни единки во ова македонско општество. Затоа, најчесто се решаваат  среќата да ја побарат некаде надвор од Македонија, онаму каде ќе ги убедат дека зборот демократија има поголема тежина, онаму каде ќе се почувствуваат ослободени од фактот дека треба да преживуваат.

Па драги идни, досегашни и претходни млади генерации…. Мораме да  го избришеме зборот транзиција кој наводно е причината за повеќето од нас да останат без работни места… Мораме да се запрашаме колку ние како млади сме дозволиле да бидеме изгубени во преводот, да бидеме секогаш на листата за чекање…. Мораме да се запрашаме која е тајната на земјите во кои младите успешно ги добиваат своите права… Мораме да бидеме иницијатори на својата среќа, колку и да изгледа недостижно… Мораме да се избориме за она што вистински како млада популација го заслужуваме и да се ослободиме од затворот наречен- преживување. Како што спомнав уште на самиот почеток , да не бидеме индиферентни. Ние да бидеме тие што ќе ги менуваат законите, ние да поставуваме свои правила, правила кои се темелат на вистински вредности, а не на стари излитени штосови… Мораме да се избориме, ние да бидеме вистински управници на потомството.

Марија Петрова

Comments are closed.

43040899_919171741622888_1449774753454751744_o