Градоначалникот Заев го презентираше менаџирањето со отпад на светскиот форум во Сеул

Градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев, денеска зборуваше на светскиот форум за овластување на општините во градењето на општество без отпад што се одржува во Сеул, Јужна Кореја, на тема, подобрување со менаџирањето со отпад преку соработка со приватниот сектор. Во своето десетминутно обраќање, градоначалникот Заев го презентираше моделот на избор на концесионер кој ќе менаџира со отпадот во Југоисточниот плански регион, а кој е единствен од таков тип на Балканот.
-Секоја страна, без оглед дали е општина, регион или концесионер, сака да го префрли ризикот на другата страна.Споделувањето на ризикот е од суштинско значење за успех на едно јавно приватно партнерство. Моделот на јавно приватно партнерство кој е применет во југоисточниот регион на Македонија е гаранција за успех. Вклучени се сите десет општини од регионот и сите релевантни институции од оваа област. Во фаза на финални преговори сме со австриската фирма АСА која управува со неколку депонии во повеќе европски градови, рече градоначалникот Зоран Заев на форумот во Сеул.
Исто така, во своето обраќање, градоначалникот ги информираше присутните на форумот и за други проекти од областа на животната средина имплементирани од општина Струмица. Градоначалникот Зоран Заев, е единствен претставник од југоисточна Европа, кој од страна на седиштето на РЕЦ во Унгарија беше избран за претставник на форумот. Учесници на овој престижен форум се градоначалници, претставници на владини институции, мултинационални компании, меѓународни организации и други важни светски чинители од Австралија, Кина, Германија, Унгарија, Шведска, Шпанија, Бразил, Индија, Русија, Јапонија, Тунис, Сингапур, Нов Зеланд и други.

Comments are closed.

43040899_919171741622888_1449774753454751744_o